Ненад Ристовски е еден од пионерите на дигиталниот маркетинг и како таков еден од зачетниците на асоцијацијата ИАБ Македонија која ги обединува водечките маркетинг агенции, интернет издавачи и компании во државава. Во моментов тој ја извршува функцијата Head of Digital во агенцијата Публицис Македонија.
1. Во моментов сте Head of Digital во Publicis Македонија, a со дигитален маркетинг се занимавате веќе 12 години? Како се одлучивте токму за ова професија?
Генерално, љубовта кон дититалните технологии кај мене се јави уште од најмала возраст. Благодарение на мојот постар брат, уште како деца пробувавме да ги истражиме сите можности на нашиот “Commodore 64 “, па си програмиравме и игравме сопствени игри. Додека бев во основно училиште учествував на општинските и државните натпревари по информатика бидејќи тогашните т.н „сметачки машини“ ми беа многу интересни.
За време пак, на моите студии, заклучив дека маркетингот е неопходен и најзначаен дел од приказната на секој успешен производ, па така природно дојде да се одлучам да се занимавам со дигитален маркетинг, кој овозможува спој на двете работи кон кои имам страст: дигитални технологи и маркетинг.
2. Според вас кој маркетинг тренд ја одбележа 2018та година?
Во глобални рамки, според мене тоа што ја одбележува 2018 година се податоците (Data) и се што е поврзано со нив. Почнувајќи од заштитата на личните податоци, имплементација на GDPR регулативата, скандалот со Cambridge Analytica, па се до начинот на употреба на податоците во маркетинг цели. Пред се, мислам на напредокот во употребата на вештачка интелегенција, machine learning, Big data и користењето на податоците за персонализирана комуникација на дииталните медиуми, со цел поголема релевантност на пораките кон конзументите.
3. Како еден од основачите на IAB, може ли да ни кажете како дојде до идејата за формирање на ова здрушение овде во Македонија?
Иницијативата за основање на ова здружение ја поведе тогашниот прв претседател на здружението Савица Кусакатски. Се собравме неколку ентузијасти, тогашни пионери во дигиталниот маркетинг и решивме дека треба да направиме здружение кое ќе придонесе за унапредување на дигиталниот маркетинг во Македонија. Во тие моменти дигиталниот пазар беше на самите почетоци на својот развој и имаше многу предизвици пред нас.
Бидејќи IAB е најрелевантното здружение во оваа област во светот, логично беше да се лиценцираме и ние под капата на IAB.
4. Која е предноста што IAB ја нуди за една маркетинг компанија?
Една од основните задачи на IAB е да овозможи едукација и стандардизација на рекламните формати на пазарот. Во тој контекст IAB помага да се регулира дигиталниот простор во земјава, да се воспостават правила на игра и да се зголеми степенот на информираност кај огласуввачите од придобивките на овој маркетинг канал.
Здружението ни помага на сите инволвирани страни во процесот (огласувачи, маркетинг агенции и медиуми) да разговараме за сите предизвици со кои се соочува нашиот пазар и да наоѓаме решенија и иницијативи за заеднички бенефит. Целта е јасна – унапредување на дигиталниот маркетинг пазар во земјава.
5. Кој совет би им го дале на тие што сакаат да станат дигитални маркетери?
Дигитален маркетинг е професија која мора пред се да ја сакате за да бидете успешен во истата. Не е работа која „само“ може да ја работите, тоа е нешто што мора да биде дел од вашиот секојдневен живот. Работите во оваа сфера се менуваат со брзина на светлината и морате да бидете постојано во тек, да се информирате, едуцирате и да ги следите трендовите. Денес тоа што се подразбира под дигитален маркетинг е значително поинаку од тоа што беше пред 5-10 години. Затоа оваа работа едноставно мора да се сака, за да неопходното континуираното доедуцирање преставува задоволство и предизвик, а не обврска и терет.