Интервју со Мери Шешо – член на ИАБ Македонија

1. Во Маркетинг водите сте веќе 10 години, Што мислите каква е ситуацијата во Македонија во моментот?

Скоро па 10 години 🙂

Маркетингот во Македонија е, пред сè, многу креативен. Во најголем дел, од аспект дека се продуцираат кампањи со квалитет според светски стандарди и буџет според македонски стандарди. А, за тоа треба најмногу креативност 🙂

Во моментот, поголем недостаток е тоа што дозволуваме политичката ситуација да влијае врз креативноста на агенциите, менувајќи го тонот на оригиналните идеи, со цел да се избегне потенцијална опасност од политичка асоцијација, одложување на кампањи поради поклопување тајминг со некое политичко збиднување што може да го одвлече вниманието…

Од друга страна, и клиентите треба да бидат похрабри и да имаат поголема доверба и слобода во агенциите, и понекогаш да ја прескокнат таа „safe“ идеја или концепт. Дури тогаш Македонија ќе може почесто да ја има на мапа на светските маркетинг и адвертајзинг фестивали.

Meri Seso

2. Кои се најголемите трендови во дигиталникот маркетинг во светот во моментов и дали во Македонија се следат и применуваат?

Вештачката интелигенција, Big data, machine learning се дел од најголемите дигитални трендови моментално, кои генерално се однесуваат на напредни методи за анализа на податоци, а чија заедничка цел е да го предвидат однесувањето на потрошувачите. Тоа значи, наместо да се фокусураме кон задоволување на потребите, идејата е да ги предвидиме и пресретнeме, фокусирајќи се на целосното искуство на потрошувачот.

За жал, ние во Македонија сме уште далеку од тоа. Иако, мора да напоменам дека лично јас чувствувам голема предност што работам во McCann Skopje, дел од I&F McCann Grupa, една од водечките маркетинг комуникациски мрежи во Југоисточна Европа и Нордискиот регион, што овозможува одличен потенцијал за учење, пристап до најдобрите маркетинг практики во светот, голем број алатки и know-how, како и работа со големи светски брендови. Сè ова придонесува да учам многу, да бидам во тек, но и уште повеќе да си ја сакам својата работа.

Како уште еден нов тренд би го спомнала инфлуенсерскиот маркетинг, кој има одличен зачеток кај нас, но сè уште треба да се развива во поглед на поголема креативност кај компаниите во интегрирање на инфлунсери во своите кампањи, но и едукација на инфлуенсерите (не сите) во разбирање на работата и професионализам. Пазарот е сè уште мал кај нас за да може инфлуeнсерите да го прават тоа како примарна работа и можеби оттука е разбирлив тој однос, но доколку сакаме да го развиваме овој сегмент заедно, треба и двете страни да се инволвираме и придонесуваме.

3. Која е според Вас најголемата придобивка од IAB членството?

Можноста за директна инволвираност и придонес во процесот на дефинирање стандарди и унапредување на дигиталниот маркетинг во Македонија. Тука е и можноста да се биде дел од различни работни групи кои работат на различни аспекти, но со една цел – да го дигнат маркетингот на едно повисоко ниво. Секоја агенција, огласувач, медиум што е член има подеднкава улога и збор во дефинирањето на стандардите, а взаемното учење и размена на досегашни практики и искуства доаѓа како екстра бенефит – личен и професионален.

4. Како член на IAB кои се тековните или идни проекти на кои работите?

Оваа година на „мени“ имамe 2 главни, не би рекла проблеми, туку предизвици.

Едниот е дефинирање на официјален мерач кој ќе постави стандарди во дигиталното огласување кај македонските огласувачи, а чија цел е да го унапреди рекламирањето.

Другиот предизвик, на мое големо задоволство, е воведување на првите официјални награди за дигитален маркетинг во Mакедонија – IAB Mixx Awards, а кои имаат глобална релевантност. Овој фестивал ќе има за цел да ги препознае и награди најдобрите интерактивни кампањи, да им оддаде признание на помалите и поголеми дигитални агенции и клиенти во земјата, за нивните заслуги во иновирање и креативност во македонскиот онлајн адвертајзинг свет, да инспирира и постави темели за идни трендови во индустријата.

5. Каков совет би им дале на оние кои сакаат да зачекорат во дигиталниот свет?

Маркетингот, конкретно адвертајзингот е интересна, креативна и инспиративна индустрија. Чувствувам лична сатисфакција што во доста наврати, работејќи како предавач по дигитален маркетинг, сум успеала да ги заинтересирам студентите за оваа област како нивно поле за надградба, преку презентирање на различни кампањи и case-ови. Но, за да се биде успешен, треба постојано да се истражува, учи и да се биде во тек со трендовите. Секако, ова е апликативно за било која индустрија, меѓутоа посебно е важно за дигиталниот маркетинг, бидејќи тука работите се менуваат толку брзо, трендовите застаруваат, а единствениот начин за просперитет е да се биде еден чекор напред.

Оттука и би произлегол советот – учете, осознавајте, истражувајте и не се плашите да пробувате и тестирате. Исто толку важно, запознавајте и дружете се со луѓето од индустријата – професионалното вмрежување е многу важно за лична надградба, но и остварување контакти, кои ќе ви помогнат во иднина. Впрочем, една и од целите и предностите на ИАБ е токму тоа.

Биди во тек со IAB Macedonia активности