Интервју на Претседателот Ефтимовски за порталот МКД.мк

Минатата недела ИАБ организираше прва отворена панел-дискусија на тема перспективи на дигиталниот пазар во нашата земја на која присуствуваа преку 50-тина професионалци од областа. Колку сте задоволни од одзивот за вклучување во дискусијата и како Вие лично гледате на тематикатa? 

– Темата на панел-дискусијата е нешто што ние во рамки на ИАБ сме го дискутирале повеќепати. Сега сакавме таа дискусија да ја отвориме и за пошироката јавност и навистина ни беше големо задоволство кога видовме дека на истата дојдоа многу луѓе од медиуми, институции, компании, агенции и сродни здруженија кои не се дел од ИАБ и кои активно се вклучија со свои видувања и предлози за темите кои ги обработувавме со панелистите. Ова е тема која не завршува со една панел-дискусија и верувам дека ИАБ ќе продолжи постојано да ја наметнува и афирмира во јавноста. Мојот став е дека треба да се направи сериозен исчекор во зголемување на буџетите за дигиталните медиуми, а таму главната улога ќе ја имаат огласувачите и агенциите кои нив ги застапуваат. Веќе станува смешно да се гледа како само една телевизија во Македонија заработува повеќе од огласување отколку сите веб портали заедно. Трендот за конзумирање на дигиталните медиуми на сметка на традиционалните од година во година расте и буџетите тоа мора да го следат.

Колку според Вас ИАБ може да направи во оваа насока?

– Улогата на ИАБ Македонија е да го промовира и афирмира дигиталното огласување во целост и да ги застапува своите членки кои се од различен профил: портали, агенции, огласувачи и нивните интереси. Ние сме спремни да направиме сѐ што е во наша моќ за да го подигнеме кредибилитетот на онлајн медиумите, да го регулираме пазарот за онлајн огласување, да информираме за трендовите во однос на препорачаните формати за дигитално огласување… Сепак огласувачите и нивните медиумски агенции се тие што треба да го направат најзначајниот исчекор и да се одважат со поголеми суми да се огласуваат на што повеќе релевантни онлајн медиуми.

Веќе 2-ра година по ред сте на чело на ИАБ и ја извршувате функцијата претседател. Колку сте задоволни од работата на асоцијацијата во овој период?

Најмногу ме прави среќен тоа што успеав, заедно со другите членови на ИАБ, да поставам солидни основи за асоцијацијата да може да направи сериозен импакт во нашата индустрија во иднина. Изминативе две години успеавме да го дуплираме бројот на членки во ИАБ. Вработивме професионален секретар во асоцијацијата. Ние сме пионири во просецот за саморегулација на интернет порталите и први промовиравме Етички кодекс и регистар на онлајн портали. Речиси целосно го завршивме процесот за избор и воспоставување на официјален систем за мерење на интернет порталите и за неколку недели откако ќе бидат завршени техничките подготовки ќе може точно да се планира обем и профил на интернет публиката во дигиталните медиуми. Склучивме меморандуми за соработка со водечката стопанска комора АмЧам, асоцијацијата на маркетинг агенции МААМ и Македонската асоцијација на новинари… Лансиравме нов веб сајт на асоцијацијата и разработивме канали на социјалните мрежи. Кога беше потребно бевме присутни со изјави во медиумите, организиравме неколку јавни дебати, тркалзени маси и дружби на кои зборувавме за теми од интерес на членовите и индустријата. Вмреживме многу луѓе, портали, агенции… Сето ова ми дава комоција да бидам задоволен од тоа како успеавме да ги придвижиме работите во ИАБ и се надевам дека на мојот наследник/наследничка сето ова ќе им даде можност да се посветат на уште неколку битни проекти кои не стигнавме да ги направиме во изминативе 2 години, а кои искрено посакував, како што е натпреварувањето ИАБ Микс и организирањето едукативни работилници. Сигурен сум дека новото раководство ќе направи уште поголеми чекори, проекти и успеси со ИАБ.

Дали ова значи дека Вие планирате да се повлечете од претседателското место во ИАБ и да не бидете кандидат на наредното собрание кое ќе се одржи во септември? – Да, овој месец ќе навршам точно 2 години како претседател на ИАБ и мојот план е да се повлечам од позицијата, која патем речено, се извршува волонтерски и да отстапам простор за нови сили кои ќе предводат во остварувањето на нашата заедничка мисија. Им се заблaгoдарувам за довербата на сите членови и пред сѐ пријатели кои од мене бараат повторно да бидам кандидат за позицијата, трета година по ред, но мислам дека е време да направам промена и повеќе време да посветам на некои други проекти и активности, а тоа неминовно значи и отстапување на дел од обврските кои ги имав досега. Отсекогаш сум бил противник на „вечни претседатели” како концепт и силно верувам во тоа дека само со промени може една организација да се развива, да расте и да биде уште подобра.

Секако дека ќе останам дел од ИАБ како нејзин активен член, но сега мислам дека е добро време да избереме нов претседател кој ќе има повеќе време да се посвети во асоцијацијата. Сметам дека Собранието треба сериозно да размисли за измени во Статутот и на новото раководство да им обезбеди подолг мандат при првичниот избор, бидејќи мандатот од една година е премал за квалитетно остварување на сериозни проекти од било чиј план за работа. Јас преку мојот професионален ангажман како консултант од комуникациската индустрија и особено преку мојот личен медиумски проект Маркетинг365.мк ќе продолжам да бидам активен промотор на мисијата на ИАБ за развој на дигиталниот пазар и сите нејзини чинители, во секое време.

Што е она што би им препорачале за новото раководство на ИАБ?

– Мојот совет до новиот Извршен одбор и претседател би бил во годината што следува да се посветат активно на привлекување на најголемите огласувачи во земјата да станат дел од ИАБ и постојано да се шири членството со релевантни медиуми и агенции. Така ќе бидеме уште погласни и ќе можеме да направиме уште поголем импакт во развојот на дигиталниот пазар. Дискусиите и состаноците во рамки на ИАБ треба да продолжат со истото јако темпо како и досега, а треба уште повеќе да се отвориме за јавноста со повеќе јавни настани и излегувања во јавност. Имаме за што да зборуваме и тоа треба гласно да го кажеме.

 

Биди во тек со IAB Macedonia активности